Македонија
18. February 2020 - 13:46

Шахпаска: Граѓаните беа фокусот на нашето работење, Република Македонија ја вративме на светската мапа

Парламентарниот состав што го предводеше СДСМ ќе остане запаметен по клучните одлуки што нашата држава, Република Македонија ја вратија на светската мапа, позитивен пример на Балканот и светот, членка на НАТО и на прагот да започне преговори со Европската Унија.

Но, она што со гордост можам да го кажам е дека за пратеничката група на СДСМ и коалициските партнери граѓаните беа фокусот на нашето работење.

Нивните секојдневни потреби, покачувањето на платите, социјалната заштита, намалување на казните, унапредување на стандардот, олеснување на условите за бизнис се дел од мерките со кои успеавме да го подобриме нивното секојдневие.

Минималната плата ја зголемивме два пати. Прво на 12.000 илјади па потоа на 14.500 денари, што е за  5.500 денари или 60 отсто повеќе од претходно кога таа изнесуваше 9.000 денари.

Ја исправивме историската неправда и го решивме статусот на стечајците, над 12 илјади стечајци земаат 8.200 денари до пензионирање.

Со измените на Законот за извршување се намали делот за извршување на една петина, а целосно од извршување се изземаа најранливите категории граѓани. Ставивме крај на присилното извршување за социјално загрозените граѓани.

Со Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица го решивме проблемот на старите судски и извршни предмети, со што се бришат над 10 милиони евра долгови на илјадници семејства.

Го изгласавме Закон за субвенционирање на придонеси, со што над 106 илјади вработени земаат повисока плата.

Ги намаливме казните, како и трошоците за нотари, извршители и адвокати.

Воведовме социјална пензија за оние граѓани кои не успеале да ги остварат условите за пензионирање. Над 4.200 наши сограѓани добиваат социјална пензија од 6.000 денари.

Целосно се посветивме на повеќе пари кај ранливите категории, социјалната помош порасна и до 300 отсто.

Реализирана е мерката за поврат на 15% од ДДВ, ја укинавме радиодифузната такса, ја вративме евтината тарифа струја.

И секако не можам ако не посветам посебно внимание на здравството, секторот од каде што јас доаѓам.

Го вративме достоинството на жените, донесовме нов  Закон за прекин на бременоста, жената сама свесно носи одлука за раѓање и број на деца.

Укинат е законот за паралелен увоз на лекови, нашата држава веќе не е депонија за лекови со сомнително потекло.

Со законските реформи олеснети се условите за добивање специјализација, специјализантите добиваат месечен надомест на ниво на просечна плата.

Имаме драстичен пораст на платите во здравството, но и во сите сектори во општеството.

Ова се само дел од мерките и проектите што ги реализиравме во Собранието  изминатиот период. Невозможно е да ги набројам сите, но факт е дека успешни мерки и политики  кои директно ги допираат граѓаните има во буквално сите области.

Ние покажавме дека работиме во интерес на граѓаните и дека знаеме како идејата да ја преточиме во реалност.

На 12 април граѓаните тоа ќе го препознаат и ќе се определат за СДСМ и нашите политики.

И по 12 април продолжуваме да работиме со и за граѓаните.