Македонија
8. December 2019 - 21:45

Шахот - спорт кој може да ги отргне децата од лошото влијание на компјутерите

Ова е желбата на најмладиот државен првак во шах во Македонија, 8 и пол годишната Наде Смилевска од Битола. Годинава беше дел и од Европското првенство во Братислава каде успеа да однесе и неколку победи. Научила да игра шах од 4-годишна возраст, а ја научил нејзиниот татко.

-Мене ми е најинтересно кога победувам, а кога губам не сум толку среќна, но тоа е игра, вели НАДЕ СМИЛЕВСКА, НАЈМАЛ ДРЖАВЕН ПРВАК ВО ШАХ.

Додека се исполни нејзината желба да биде дел од репрезентацијата, Наде е дел младинската школа на шаховскиот клуб „Стево Патако“ од Битола. Дел од оваа школа е и Алекс Насков, кој со своето семејство од Америка се преселиле во Битола. Играл шах на интернет, но вели подобро се учи во клуб, со луѓе.

-Позитивно е затоа што ако играш шах на интернет не можеш да прашаш дали некој потег е добар. Ако не можеш да прашаш, многу потешко се учи, вели АЛЕКС НАСКОВ, ЧЛЕН НА КЛУБОТ „СТЕВО ПАТАКО“.

Шаховскиот клуб „Стево Патако“ веќе втора година главен акцент става на младинската школа која засега брои 15-тина членови. Во време кога децата се опседнати со мобилни компјутери, добро е на овој начин да се социјализираат, а и шахот позитивно влијае на нивниот психички развој.

-Шахот е многу интересна игра која во секој случај придонесува за развој на интелигенција, комбинаторика, стратегија, мислам дека одлично е младите да го сакаат и играат шахот. Во ова време на компјутери тешко е децата да играат во шаховска школа, но ние сме задоволни, вели  Сашко Павловски, претседател на Клубот „Стево Патако“ .

Во Битола отсекогаш имало интерес за шахот.

-Секогаш кога има натпревари во училишен шах, прашуваа каде ќе одат децата, немаше кој да ги учи. Ние сме пропуштиле генерации, се јавило некое дете во генерацијата, нема каде да продолжи и заминало. Сека имаме предуслов, база, да дојде по година-две некое дете и да вадиме шахисти, вели Пеце Богдановски, лиценциран шаховски тренер.

Од клубот велат дека не мора сите да станат велемајстори, но кај сите нив ќе има придонес за логиката и интелектуалниот развој.