Македонија
17. March 2020 - 18:11

Шабани: Палењето на контејнери го зголемува ризикот од ширење заразни болести

Три нови контејнери со зафатнина од 3,2 кубни метри беа опожарени во тек на денешниот ден од страна на непознати сторители на улицата Васил Главинов во општината Центар, информираат од Јавното Претпријатие „Комунална Хигиена” – Скопје.

Од таму додаваат дека опожарените контејнери се целосно уништени и неупотребливи и во најкус можен рок ќе бидат заменети со нови садови.

– Апелираме до граѓаните на Градот Скопје да престане вандализмот и уништувањето на садовите за одлагање на отпадот, за екипите на ЈП „Комунална Хигиена“ – Скопје, да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен. Во време на епидемија од глобални размери, ваквите инциденти предизвикуваат големи проблеми при одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го зголемуваат ризикот за ширење заразни заболувања. Во овие околности, граѓаните треба особено внимателно да ракуваат со урбаната опрема, вели директорот на оваа претпријатие Абдусамед Шабани, во соопштението испратено до јавноста.

Воедно тој апелира до граѓаните својот отпад да го одлагаат само во поставените садови, уредно спакуван во затворени ќеси, со цел да се намали можноста од создавање диви депонии и да се заштити сопственото и колективното здравје.