Свет
9. January 2016 - 8:43

Северна Кореja се закани со војна заради пропагандата на Јужна Кореја

Северна Кореја денеска упати предупредување за војна против својот јужен сосед бидејќи Јужна Кореја и натаму емитува „гласна“ пропаганда против Пјонгјанг долж границата меѓу двете сопернички држави како одговор на преземениот четврти нукеларен тест на Северот, пренесоа американските медиуми.

Во савојот говор пред огромното мноштво луѓе, собрани на плоштадот „Ким Џонг-ил“ во Пјонгјанг, секретарот на Корејската работничка партија Ким Ки-нам изјави дека емитувањето на пропагандата, како и разговорите меѓу Вашингтон и Сеул за можно разместување модерни американски борбени авиони на Југот, способни да лансираат нукеларни бомби, Корејскиот Полуостров го одвеле до „работ на војна“.

-Соперниците на Пјонгјанг „му завидуваат“ на успешниот тест со хидрогенската бомба, рече Ким во изјавата што беше емитувана синоќа на севернокорејската државна телевизија.

Кинеското Министерство за надворешни работи го повика Сеул да ја задржи можноста за почеток на дијалог со Пјонгјанг во најскоро време. Кинескиот министер за надворешни работи Ван Ји и неговиот јужнокорејски колега Јун Бјун-се синоќа телефонски ја разгледале ситуацијата на Корејскиот Полуостров во врска со нуклеарното тестирање на Корејската народнодемократска република, информираа денеска кинеските медиуми, цитирани од ТАСС.

Јапонија и Велика Британија вчера соопштија дека меѓународната заедница треба да даде цврст и брз одговор, откако Северна Кореја објави дека ууспешно тестирала хидрогенска бомба, пренесоа британските медиуми. 

Прашањето за укинувањето на нуклеарното оружје од  Корејскиот Полуостров може да биде вклучено во дневниот ред на мајската среба на врвот на Г-7 во Јапонија. Намерата за тоа ја изрази јапонскиот премиер Шиндѕо Абе, пренесе јапонската агенција Кјодо, цитирана од ТАСС.