Свет
22. јуни 2021 - 11:27

Сестрата на Ким Џонг-ун ја отфлри можноста за продолжување на преговорите со САД

Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска ја отфрли можноста за продолжување на дипломатските преговори со САД, додавајќи дека тоа ќе доведе до „уште поголемо разочарување”.

Ким Јо-Џонг ова го истакна откако американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ја опиша како „интересни сигнали” неодамнешната изјава на севернокорејскиот лидер дека неговата земја е подготвена и за дијалог и за конфронтација.

– Се чини дека САД ја толкуваат оваа состојба како утеха за себе. Очекувањето кое САД избраа да го прифатат е погрешен пат и тоа ќе доведе до уште поголемо разочарување, нагласи таа.

Ким Џонг-ун неодамна изјави дека судбината на дипломатијата и односите со САД зависат од тоа дали Вашингтон ќе се откаже од, како што вели, непријателската политика.