Балкан
30. November 2018 - 13:13

Сервер: Пораките на САД не значат ништо, се знае границата на Косово

Тоа што Мајк Помпео и Џон Болтон ги повикаа Србија и Косово да постигнат договор и во разговорот со Хашим Тачи оценија дека е време за решение, не значи ништо, изјави Даниел Сервер, професор на Универзитетот Џонсон Хопкинс во Вашингтон, коментирајќи ги неодамнешните разговори на косовскиот претседател со американскиот државен секретар Мајк Помпео и советникот во Белата куќа, Џон Болтон.

– Не е лошо што се повикува на договор, но не гледам дека овој момент е нешто посебен и мислам дека повикувањето за брзо решение може да биде контрапродуктивно … Тоа што велат дека договорот треба брзо да се постигне, не значи дека тоа и ќе се случи. И не ми делува убедливо. Се надевам дека зад овие зборови има некоја суштина… Двете страни треба да седнат и да ги решаваат отворените прашања, но не гледам никакви индикации дека тоа сега се случува, истакна Сервер за „Гласот на Америка“.

Тој оцени дека новата идеја на Тачи „за дефинирање на границите“ е подобра од идејата за „корекција или за етничка поделба“, а предложи и идеја за „демаркација на границите“.

– Познато е каде е границата на Косово. Клучно прашање нема да биде нејзиното одредување, туку нејзината демаркација. Се разбира, кога станува збор за демаркацијата, секогаш е потребно да се смета на помали корекции, бидејќи границата не може да помине низ нечија дневна соба. На пример, Македонија и Косово тоа го направија и беше успешно и двете земји ги подобрија односите, рече Сервер.

Тој оцени дека Косово и Србија не се блиску до договор, меѓу другото и поради царинските давачки за српските производи и апсењата на осомничените за вмешаност во убиството на Оливер Ивановиќ.

– За натамошните разговори клучна е политичка волја на српскиот претседател Александар Вучиќ и на косовскиот претседател Хашим Тачи, а дијалогот не мора да се води во Брисел. Ако лидерите имаат политичка волја, има многу места каде што можат да се сретнат. Во Брисел, дури и без медиуми и во Вашингтон постојат неколку продавници на „Старбакс“, каде можат да седнат и да се согласат. Мислам дека и двајцата претседатели имаат многу добри причини за договор. Оваа ситуација е штетна за Србија кога станува збор за членство во ЕУ, а го спречува и Косово на патот кон ЕУ. Мислам дека притисокот врз двајцата лидери ќе биде голем, но ако тие имаат политичка волја да се сретнат – градот не е проблем. Еве, можат и во мојата канцеларија ако сакаат, заклучи Сервер.