Свет
24. January 2017 - 8:50

Сенатскиот комитет го подржа изборот на Рекс Тилерсон за државен секратар на САД

Комитетот за надворешни односи на Сенатот на САД, го подржа изборот на Рекс Тилерсон за секретар на американскиот Стејт департмент , со тесно мнозинство од само еден глас.

Ваквата одлука стана возможна откако републиканскиот сенатор Марко Рубио, кој претходно најавувеше дека ќе гласа против Тилерсон, го промени мислењето и најави дека ќе го подржи и при одлучувањето во Сенатот.

При гласањето во Комитетот за надворешни односи, сите 11 сенатори- републиканци , гласаа за Тилерсон како државен секретар, додека сите 10 демократски сенатори беа против неговото именување на таа функција.

Претходно, не само демократите, туку и повеќемина републикански сенатори се спротивставуваа на предлогот на претседателот Доналд Трамп, овој 64 годишен бизнисмен кој целиот свој работен век го има поминато во нафтениот бизнис, да раководи со Стејт департментот.

Како главна причина за тоа сенаторите го посочуваа неговото неискуство во дипломатијата, но и блискоста на Тилерсон со Русија и со рускиот претседател Владимир Путин, од кого има добиено  одликување.

Рекс Тилерсон доскоро беше претседател на најголемата нафтена компанија во светот „Ексон-Мобил„ .

Според Си-Ен-Ен, сенаторите, посебно демократите, му забележувале на Тилерсон дека поради бизнис интересите, што „Ексон - Мобил„ ги има во Русија, американската надворешна политика кон Москва,  би можела да биде „премногу нежна и несоодветна„ .

Во текот на испрашувањето, тој одбил да го оквалификува Путин како „воен злосторник„ и остро да ја осуди политиката за непочитување на човековите права во Саудиска Арабија и Филипните, на што посебно инсистирал токму сенаторот Рубио.

Марко Рубио кој е сенатор од Флорида, е дете на кубански имигранти. Во изборната трка за претседател тој беше еден од противкандидатите на Доналд Трамп и едно време важеше за фаворит кај републиканците, заедно со Тед Круз и Џеб Буш.