Македонија
21. November 2017 - 13:05

СЕММ: Ниту една влада не треба да одлучува во име на медиумите

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во пресрет на најавените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денеска соопшти дека цврсто останува на ставот дека е потребно да се елиминира какво било влијание на државата врз процесот на саморегулација во медиумите.

Во соопштението на СЕММ, се наведува дека ефикасното функционирање на саморегулацијата во медиумите исклучува каков било облик на сместување на професионалните новинарски стандарди во законската рамка и воведување санкции кон медиумите за нивното непочитување.

- Кога станува збор за етичкото и професионално известување ниту една влада и политичка партија не треба да одлучуваат во име на медиумите. Во таа насока, СЕММ се спротивставува на Предлог -измените на членот 61 во Нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој се однесува на начелата и стандардите во работата на радиодифузерите, како и на измените во член 145 со кои се предлага изрекување казни доколку професионалните стандарди не се почитуваат, се наведува во соопштението. 

Во околности во кои саморегулацијата во медиумите во државата постепено започна да се прифаќа и се повеќе да се поддржува работата на Советот за етика во медиумите, се посочува во текстот, поставувањето какви било препреки од страна на Владата на тој пат и маргинализирањето на работата на Советот ќе резултира со намалување на одговорноста кај самите медиуми и поддршка на праксата на цензура и самоцензура.

Поздравувајќи ги неодамна искажаните заложби на Владата за силно охрабрување на системот на медиумска саморегулација, СЕММ потсетува дека на саморегулацијата не треба да и се дава второстепено значење, туку да биде еден од приоритетите во постигнувањето промени и реформи во работата на медиумите