Свет
25. April 2017 - 13:48

Семејството на либискиот „бомбаш од Локерби“ покрена постапка против неговата пресуда

Семејството на Либиецот Абделбасет ал Меграхи, познат како „бомбашот од Локерби“ покрена постапка пред властите во Шкотска за поништување на неговата пресуда.

Постапката е упатена до шкотската комисија за преразгледување на кривични дела и таа сега треба да одлучи дали целиот процес треба да продолжи пред Апелациониот суд, со поднесување на формална жалба.

Во 2001 година, Меграхи беше осуден од еден шкотски суд, уреден под контрола на ОН, на 27 години затвор за експолозијата во патничкиот авион на американската компанија „Пан Америкен“ на летот од Лондон за Њујорк, кој се урна над шкотското место Локерби.

Во експлозијата што се случи на 21 декември 1988 година, загинаа сите патници во авионот, најголем дел од нив Американци, како и 11 жители на Локерби, кои настрадаа во своите целосно разурнати домови врз кои паднаа делови од соборениот авион.

Меграхи беше едеинствениот осуден за нападот, што САД и Велика Британија им ги припишуваа на Либија и на нејзниот тогашен лидер Моамер Гадафи, кого Западот го обвинуваше за „спонзорирање на меѓународниот тероризам“.

Либиецот кој работеше во претставништвото на либиската авионска компанија во Малта, тврдеше дека не е виновен.

Тој остана во затвор во Шкотска, до август 2009 година, кога беше ослободен врз „хуманитарна основа“ откако заболе од рак. Умре во Триполи, во 2012 година, по соборувањето на Гадафи од власт.

Судењето на Меграхи беше изведено на неутрален терен, во една воена база во Холандија од тројца шкотски судии.

Претходно, САД, Британија и Либија, со посредништво на ОН, се спогодија за ваквото судење и за затворање на случајот Локерби, на тој начин што либиските власти се согласија да им исплатат на роднините на сите жртви по 10 милиони долари отштета, или вкупно 2,7 милијарди.

Со овој договор, Либија не беше обвинета, ниту осудена дека го извршила нападот, а на власта на Гадафи му беше овозможено да се врати во меѓународната заедница, со укинување на дотогашните санкции.

Вдовицата на Меграхи и нивниот син сега бараат поништување на осудувачката пресуда за нивниот сопруг и татко, засновувајќи го барањето врз „слабите основи“ на кои тој беше прогласен за убиец на 270 лица.

На судењето неговата вина беше потврдена само со сведочењето на еден малтешки трговец на облека, кој сега е починат.

Правни експерти проценуваат дека мали се шансите да се поништи пресудата, затоа што од САД веќе имало порака дека нема никакви нови моменти за преразгледување на случајот.