Македонија
1. December 2017 - 18:31

Селмани и Спасовски разговараа за зголемување на безбедноста на новинарите

Зголемување на безбедноста на новинарите, како и за идните можности за соработка меѓу Здружението на новинари и Министерството за внатрешни работи беа теми на денешната средба на претседателот на ЗНМ Насер Селмани и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Селмани искажа подготвеност да соработува со МВР со цел да се подобрат условите за работа и безбедноста на новинарите.

- Сакам да ја искажам нашата подготвеност да помогнеме да изградиме институционален механизам за превенција и казнување на насилството врз новинарите, рече Селмани и додаде дека треба да се расчистат сите напади врз новинарите кои се случија во последните неколку години.

Селмани предложи организирање заеднички обуки за слободата на изразувањето и за подобрување на комуникацијата на новинарите и полицијата.

Тој рече дека жали за приведувањето на двајцата камермани од полицијата на почетокот на ноември и изрази надеж дека такви инциденти во иднина нема да се повторат.

- Ние сметаме дека до таков инцидент не требаше да дојде и очекуваме МВР во најскоро време да одговори на нашата претставка, рече Селмани.

Спасовски истакна подготвеност за блиска соработка со ЗНМ, која наскоро ќе се официјализира со потпишување на Меморандум за соработка.

Тој, како што соопшти ЗНМ, со задоволство ја прифатил идејата за организирање заеднички обуки за подигнување на свеста на припадниците на полицијата за важната улога на медиумите во едно демократско општество.