Македонија
26. April 2019 - 16:32

Секојдневно расте бројот на новозаразени со морбили

Седум бебиња и деца со морбили, велигденските празници ќе ги поминат во болницата во Козле. Сите се хоспитализирани во посебен изолиран оддел наменет за оваа патологија и немаат контакт со останатите болнички одделенија. Оваа здравствена установа е во договор со Детска клиника од каде им препраќаат пациенти со полесна клиничка слика на заразната болест.

- Ги почитуваме протоколите, одделот е изолиран и се трудиме максимално да немаат контакт и со останатите пациенти, иако понекогаш тоа е невозможно. Но се надеваме дека со мерките кои се преземаат ќе има ефект и ова брзо ќе заврши, вели др. Ангелчо Андоновски, директор на детската болница во Козле.

Педијатрите предупредуваат дека сите новороденчиња со мали сипаници  кои не подлежат на вакцинација, мора да бидат на болничко лекување. Најмладиот пациент со морбили во болницата во Козле е тримесечно бебе.

-Зависи од зафатеноста на белодробието, бидејќи морбилите предиззвикуваат компликации на белите дробови. Може да биде брзо решено, но може да дојде и до компликации и подолго да трае лекувањето, а некои завршија и летално. Но во секој случај, во просек престојот во болница е околу 7 дена, вели Андоновски.

Од болницата во Козле велат дека засега имаат доволно простор и за заболените со морбили, иако дневно имаат по 100 прегледи за белодробни заболувања и алергии кај децата.

-Имајќи ја во предвид епидемијата со морбили и големиот број на заболени бебиња и деца, за време на празниците во болницата во Козле ќе има засилени дежурни екипи.

Освен во болницата во Козле, за велигденските рпазници засилени екипи ќе има и во Клиниката за детски болести каде во моментот имаат 6 пациенти со компликации од морбили.