Македонија
7. September 2017 - 13:06

Седумдесет и три години од ослободувањето на Кавадарци

Седумдесет и три години од ослободувањето од фашистичката окупација,  одбележува денеска Кавадарци. Чествувањето на празникот започна со положување цвеќе пред споменикот  на паднатите борци на градскиот плоштад.

- Градот е ослободен од борците на деветтата Македонска народно-ослободителна бригада, на чие чело се наоѓал командантот Најдо Стаменин-Орлов. По ослободувањето, бил организиран митинг на кој присуствувало речиси целото население на Кавадарци. Говорел и политичкиот комесар на оваа бригада Ристо Стојанов-Железни, а била организирана и општонародна прослава, потсети историчарот Петре Камчевски во изјава за медиумите.

Тој нагласи дека слободата на Кавадарци била многу скапо платена.

- Во текот на НОВ и Револуцијата 1941-1945 година од Кавадарци загинале вкупно 333 борци. Тројца од нив се прогласени за народни херои, рече Камчевски, кој е директор на кавадаречкиот музеј.