Македонија
28. July 2017 - 13:40

Седницата прекината, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за злоупотреби на Деловникот и собраниските служби

Собранието на Република Македонија ќе ја продолжи пленарната седница во 15 часот откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараа паузи и информација за тоа кој, како што тврдат, неовластено го потпишал Извештајот од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот бидејќи тоа не го сторила претседателката Лилјана Кузмановска, како што е деловнички, а обвинија и дека собраниските служби одбиле да и архивираат писмо во врска со Извештајот. 

Претседателот на Собранието Талат Џафери во краткото продолжение по последната пауза донесе писмо пред пратениците тврдејќи дека тоа е веќе архивирано од службите. Претходно Џафери објасни дека Кузмановска упатила писмо до него во кое тврди дека некој друг наместо неа неовластено го потпишал Извештај од работата на Комисијата за ребалансот на Буџетот и рече дека тој го препратил писмото да се архивира со упатство да се подготви копија од Извештајот и да се достави до претседателката на Комисијата за и таа доколку сака да го потпише.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека во случајов се работи за класичен пример и злоупотреба на Деловникот каде што некој неовластено го потпишал Извештајот за ребалансот на Буџетот, а партиски човек, службеник во Собранието, наредил писмото од претседателката на Комисијата за финансирање и буџет да не се архивира.

- Таа ви доставува писмо за да ви укаже дека е наоправено такво неовластено потпишување од неовластен пратеник кој што не е претседател на Комисијата и еден партиски човек, службеник во Собранието ја претвора архивата во партиска архива на СДСМ и на ДУИ и вика дека не смее тоа писмо да се архивира според партиска желба. Тоа е грубо прекршување на Деловникот и еден службеник се става над политичките партии, над пратеникот и претседател на Комисија, рече Милошоски. Посочи дека не е првпат на претседател на матично работно тело од ВМРО-ДПМНЕ службеник во архивата да одлучува дали ќе прими писмо и дали ќе го архивира. 

Џафери претходно даде уште една пауза откако не и дозволи на Кузмановска да зборува од говорницата. Кузмановска побара процедурално за да ја објасни ситуацијата во која се најде, но Џафери упорно тврдеше дека таа треба да оди на своето место и да бара збор, бидејќи нема право на процедурална забелешка.

Прекините во работата на пленарната седница на Собранието започнаа откако на почетокот на продолжението на петата седница пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа информација од претседателот на Собранието кој синоќа го потпишал Извештајот од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет бидејќи тоа не го сторила претседателката Кузмановска, како што е пропишано со Деловникот.  

- Таквиот документ веќе е или многу наскоро како официјален документ ќе биде препратен веројатно од ваша страна до Владата на Република Македонија, за Владата да процесуира постапка за дополнет предлог на Буџетот. Бидејќи овој член е прекршен Собранието постапува надвор од овој член, барам од вас да ни доставите прецизна информација во врска со ваквата состојба, кој го потпишал тој Извештај, по можност пред да го доставите до Владата за да се усогласиме како ваквото прекршување да биде третирано од ваша страна и од пратениците во Собранието, рече Димовски.   

Џафери го прифати барањето за пауза, но потенцираше дека ребалансот на Буџетот не е на дневен ред на оваа седница и оти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараната информација ќе ја добијат кога ќе се расправа по оваа точка. 

- Не спорам право да барате информација во однос на она што го изнесовте како процедурално но таа можност ќе ја имате кога на дневен ред ќе дојде соодветната тема во однос на расправата за ребалансот на Буџетот. Извештај за тоа прашање нема да добиете затоа што не е на дневен ред. Во редовна процедура ќе го добиете сиот материјал. Точно е дека во членот што го цитиравте токму така пишува, но во ситуација кога претседател на Комисија ќе одбие да потпише Извештај е работа за која што во Собранието се дадени надлежности, рече Џафери.   

Собранието на Република Македонија започна со разгледување на Годишниот извештај за работата на Агенцијата за администрација, а треба да именува заменици на генералниот секретар на Собранието, а потоа да ја продолжи и 6. пленарна седница на која се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески, која беше прекината пред десетина дена поради почетокот на комисиската расправа за ребалансот на Буџетот.