Балкан
16. May 2017 - 11:14

Седница на Советот за безбедност на ОН посветена на Косово

Во Њујорк денеска ќе се одржи седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации посветена на Косово, јави Танјуг.

На седницата ќе биде рагледан редовниот тримесечен извештај на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за работата на УНМИК и ситуацијата на Косово од 16 јануари до 15 април.

Гутереш во својот извештај истакнува дека изминатиов период во Косово се забележани серија настани кои не придонесуваат за ублажување на затегнатите односи меѓу Белград и Приштина.

- Практичната примена на спогодбата од дијалогот е екстремно бавна. Никакви конкретни чекори не се направени за воспоставувањето на Заедницата на српските општини, стои во извештајот објавен на страницата на Светската организација.

Во таа смисла, Гутреш ја наведува иницијативата за трансформација на Косовските безбедносни сили во Војска на Косово преку законски амандман, наместо со уставни промени, како и заканите на Даут Харадинај за етничко чистење кон Србите, доколку Судот во француксиот град Колмар и го испорача неговиот брат Рамуш на Србија.

Според документот, причина повеќе за загриженост е и порастот на меѓунационалната нетрпеливост, како и говорот и дејствијата што го разгоруваат сето тоа.

- Ги повикувам политичките лидери да бидат поактивни, во намалувањето на тој отпор и да спречат лажните гласини да ја замаглат перцепцијата и искриват фактите. Иако повратниците се познати и однапред проверени од страна на косовските власти, некои функционери и натаму се однесуваат неодговорно, потикнувајќи неосновани гласини за нив, укажува Гутереш.