Македонија
3. November 2015 - 18:31

Седница на собраниската Комисија за финасирање и буџет

Собраниската Комисија за финансирање и буџет на денешната седница го разгледа Предлог-законот за задолжување на Република Македонија кај Дојче банка и Ерсте банка по Договорт за заем за финансирање на проектот „Гасификација на РМ - фаза 1 -  делница Штип-Неготино-Битола и делница Скопје-Тетово-Гостивар“ по скратена постапка  и заклучи да го даде на понатамошна постапка во Собранието.

Со договорот, како што појасни министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски се одобрува заем во износ од 90 милиони евра со рок на отплата од седум години и три години грејс период со камата во износ од шестмесечен еуроибор  плус маргина од 0,46 отсто. Кредитот ќе се додели во седум транши, а доколку некоја од траншите не биде навремено подигната Македонија ќе треба да плаќа дополнителна камата од 2,47 отсто.

- Со проектот се предвидува изградбана пет магистрални правци кои ќе се реализираат во две фази. Првата приоритетна фаза ќе се реализира од 2015 до 2019 година, а втората од 2017 до 2022 година. Реализиацијата на правата фаза е веќе започната со изградбата на делницата Клечовце - Штип во должина 61 километар за која се обезбедени средства во износ од 60 милиони долари преку подмирување на клириншкиот долг со Русија и се очекува да заврши во 2016 година. Со Предлогот на законот се обезбедуваат финасиски средства за финасирање на изградбата на делницата Штип - Неготино - Битола во должина од 122 километри  и делницата Скопје - Тетово - Гостивар во должина од 76 километри, рече Мисајловски. 

Во законот е предвидено доколку некоја од седумте транши не биде повлечена во предвидениот рок наместо Македонија да плаќа дополнителна камата од 2,47 отсто средствата да се искористат за буџетски намени.

За оваа одредба пратениците од СДСМ поднесоа два амандмани  со кои бараа да се определи за точно каква намена ќе се користат средствата, по што се разви голема дискусија.

За пратениците од опозицијата со нивните амандмани се сакало да се постигне точно да се дефинира за какви буџетски намени ќе се користат средствата, додека пратениците од власта сметаат дека амандманите на СДСМ законски не се издржани и не може да се имплементираат, бидејќи предвреме не може да се предвиди дали траншите ќе се реализираат во предвиденииот рок и доколку не се реализират за каква буџетска намена ќе се користат.

Комисијата не ги прифати предоложените амандмани по што Предлогот беше усвоен и даден на натамошна постапка.

Комисијата на денешната седница го разгледа и Предлог-законот  за изменување на Законот за гаранција на РМ на обврските по договорот за заем на финансирање на програмата за национални патишта кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обновра и развој и ЈП за државни патишта по скратена постапка и заклучи да го го проследи на натамошна собраниска постпака.

Со Предлог законот, како што појасни министерот Мисајловски, се предвидува зголемување на заемот од 160 милиони евра за дополнителни 21 милион евра за изградба на нов експресен пат  од Штип до Кочани во должина од 28 километри наместо првично предвидената реконструкција и рехабилитација на постојниот магистрален пат Штип-Кочани во износ од 32,4 милиони евра. ЕБОР, додаде, веќе го одбори зголемувањето на заемот од 160 на 181 милиони евра.

На ова пратениците од ДПА поднесоа амандман со кој бара средствата  во износ од 21 милион евра да се пренасочат во изградба на патот Куманово - Бељановце - Станчиќ, а да остане одредбата да се реконструира постојниот пат Штип - Кочани, што Комисијата не го прифати.