Македонија
28. September 2018 - 11:49

Се зголемува капацитетот на градинките во Општина Аеродром

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, изврши увид во градежните работи на новиот објект во рамките на детската градинка „Буба Мара“ во населбата Ново Лисиче, што се очекува да биде целосно завршен до крајот на оваа година.

- Новата градинка има капацитет за згрижување на повеќе од 250 деца. Објектот, што ќе биде енергетски ефикасен, ќе има приземје и еден кат со вкупна површина од околу 1.200 квадратни метри. Во рамките на приземјето се предвидени четири занимални за деца од двегодишна до четиригодишна возраст, информираат од општина Аеродром. 

На катот се предвидени две занимални, односно јасли за деца до две години, како и две занимални што можат да ја менуваат својата функција за возраста на децата зависно од потребата. Објектот на двата ката ќе има сопствени санитарни јазли и кујни, како и канцеларии и гардероби.

Општина Аеродром активно работи на зголемување на капацитетите во детските градинки за да се овозможи непречено згрижување на сите дечиња.

Општината веќе има три готови проекти што се однесуваат на доградба на „Црвенкапа“ и доградба и надградба на „Изворче“ во Стар Аеродром, кои се објекти во рамките на детската градинка „Срничка“, како и реконструкција на објектот „Пчелка 1“ во населбата Лисиче, во рамките на градинката „Буба Мара“.

Исто така, во тек се изработки на проекти за доградба на „Сонце“ во Реонски центар ‒ Аеродром, како и проект за изградба на нова детска градинка во дворот на основното училиште „Блаже Конески“ во населбата Мичурин.