Македонија
19. March 2020 - 14:43

Се уште нема потреба од ограничување на движењето на граѓаните

Вонредната состојба засега нема да го ограничи движењето на граѓаните. Од владата појаснуваат дека прогласувањето вонредна состојба не значи дека ќе замре секојдневниот живот на граѓаните или прекин на јавниот транспорт.Марктетите остануваат отворени, ќе работат аптеките и болниците. Според техничкиот премиер Спасовски, не се загрозени државните резерви, а залихи во маркетите имало за осум месеци.

„Одлуките што ги носиме за справување со оваа кризна состојба се во насока колку што е можно  помалку да им наштети и на економијата и на стопанството. Економските мерки што ги носиме  имаат за цел да обезбедат одржливост на работата на компаниите и максимална заложба да се сочуваат работните места на граѓаните и нивниот животен стандард. Со овластувањата што сега ги има владата ваквите вонредни политики во вонредна состојба ќе може полесно да се донесуваат се разбира тоа ќе го правиме во постојана комуникација со стопанските комори и со синдикалните организации“, вели Оливер Спасовски, технички премиер.

Од Министерството за правда велат дека најверојатно првите мерки кои ќе ги донесе владата по прогласување на вонредната состојба ќе се однесуваат на здравствената заштита и помош на стопанството. Дескоска најави дека веќе се подготвуваат измени во законот за облигациони односи.

Владата не ја исклучува можноста за ограничување на движењето на луѓето ако се утврди непочитување на мерките за заштита од корона вирусот. Сепак велат дека одлуката нема да биде дискриминаторска по пол, имотна состојба или националност.