Свет
9. January 2018 - 11:05

Се уште гори пожарот на иранскиот танкер, потрага по екипажот

Кинеското Министерство за сообраќај денеска соопшти дека е пронајдено тело на маж, за кој се верува дека бил член на екипажот на иранскиот танкер кој се судри со товарен брод во Источното Кинеско Море.

Телото се уште не е идентификувано, а продолжува потрагата по членовите на екипажот, составен од 30 Иранци и двајца државјани на Бангладеш.

Кинеските медиуми наведуваат дека пожарот се уште не е изгаснат и оти постои опасност од експлозија. Во моментот на судир, танкерот превезувал околу 136.000 тони нафта.

Нафтениот танкер Санчи, регистриран во Панама, пловел од Иран кон Јужна Кореја кога во Источното Кинеско Море, на 257 км од Шангај, се судрил со брод што превезувал жито. Кина, Јужна Кореја и САД испратија бродови и авиони во потрага за екипажот на Санчи. Екипажот на другиот брод, составен од 22 Кинези, бил спасен.