Македонија
16. August 2016 - 14:02

Се санира оштетената инфраструктура во Сингелиќ

Во Синѓелиќ од денеска ќе се санира оштетената инфраструктура, цевките во отворените канали и ќе се оформат премини преку каналите за да се овозможи нормално одвивање на сообраќајот. 

Во оваа населба денеска на терен се скопскиот градоначалник Коце Трајановски и министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети со екипи на Град Скопје и на јавните градски претпријатија.

- Почнуваме со санација на цевките во отворените канали во Синѓелиќ и со санација на премините преку каналите за да овозможиме нормално одвивање на сообраќајот. Сакам да се заблагодарам на сите компании што донираа цевки и градежни машини и помогнаа во справувањето со последиците од поплавата. Се оспособува и улицата кон Камник, рече Трајановски.

Според него, на терен веќе се гледаат резултатите од активностите за расчистување.

- Сметот и градежниот шут интензивно се расчистува со механизација, а улиците се мијат со цистерни. Во тек се и активностите за дезинфекција на домовите, рече Трајановски, кој се заблагодари на неговите колеги градоначалници што испратиле цистерни.

Тој ги повика и останатите градоначалниици што располагаат со ваква механизација да помогнат.

Трајановски додаде дека на терен се и проценителите на штетите од поплавата кои ги посетуваат погодените домови.

- Синѓелиќ го поделивме на 14 реони. Во секој реон на терен е по еден тим составен од по двајца војници, двајца претставници на локалните жители и еден комунален редар кои ги посетуваат жителите на Синѓелиќ и укажуваат во кој дел што е потребно, рече Трајановски.