Македонија
6. November 2018 - 14:58

Се потрошија вакцините против грип во Струмица

Вакцините против грип во Струмица кои се наплатуваа 650 денари се потрошија изутрината во 10 часот, информираше д-р Силвана Петкоска од Центарот за јавно здравје-Струмица.

Според неа, во текот на вчерашниот ден и денеска од претпладне имало голем интерес кај граѓаните за вакцинирање.

– Не изненади зголемениот интерес од граѓаните и покрај тоа што цената на вакцината е повисока од лани. Зголемениот интерес за вакцинирање против грип се должи на зголемената старосна граница на граѓаните кај кои е задолжително вакцинирањето, како и на хроничните заболувања кои се во подем. Секако, зголемена и е свеста кај населението дека вакцинирањето е едно од најдобрите превентивни мерки за заштита од грип, рече д-р Петкоска.

Во Струмица беа испорачани 1.700 бесплатни вакцини и 500 вакцини за слободна продажба против грип за општините Струмица и Валандово. Во наредните три до четири недели се очекува да заврши вакцинирањето кај категориите граѓани кои користат бесплатни вакцини.