Балкан
13. September 2015 - 9:16

Се откажавме ли од Босна и Херцеговина

Бука - Сараево

БиХ исчезнува поради монструозната политика. Веќе 25 години актуелните политикантски братија со бездушно рекетирање свирепо ја уништуваат оваа земја и животите на нејзините луѓе, прекривајќи го своето недело со блескав плашт за заштита од страв, кој прецизно днево го дозираат на својот народ.

Жителите на БиХ и народите и граѓаните, исчезнуваат. Рано умираме, се помалку се раѓаме. Заболените од ПТСП се самоубиваат, лошите патишта и улици немилосрдно го зимаат својот данок. Младите, тие најспособните, си заминуваат. Уништените остануваат. Популацијата се топи, додека бројот на невработените расте.

Стопанството без поддршка, со товар, нема сили помасовно да вработува. Буџетите и фондовите се празни. Гломазниот и нефункционален државен апарат троши многу, а дава премалку. Долговите растат и се отплатуваат со нови долгови. Запуштеното образование не одговара на актуелната потреба. Социјалната помош, иако не е мала, неправедно е респределена и само ја продлабочуваат сиромаштијата и незадоволството. Скапо платеното здравство не не лечи. Спортот, кој веќе неколку пати покажува дека може да успее, е препуштен на хуманитарни телефони. Можеме да набројуваме до недоглед, за состојбата на културата, безбедноста, комуналните услуги, инфраструктурата, јавните набавки, потрошувачката кошница, платите...

Речиси година од изборите а не гледаме уште ништо, освен партиско прекројување на моќта и позициите. По некое спорадично решение кое го нуди актуелната до крај не утврдена власт, не е никаков одговор на кризата. Не така малиот број на луѓе со памет и молив, кои јавно укажуваат на катастрофа, меѓусебно се јадат, додека политикантската мрежа беспрекорно функционира. Добронамерни професори, интелектуалци, кадар, стопанственици, синдикалисти, верски работници, уредници, новинари, активисти, па и младата генерација политичари се засенети од власта, сите загрижени, се чини ја бараат секоја разлика по која можат да се поделат, наместо минимум јавен интерес околу кој можат да се соберат. Злонамерните истовремено цврсто се држат до агенда издиктирана од централата на која служат.

Во агонијата во која живееме поделбата може да биде само на добро и зло, или да го избегнеме идеализирањето, на општествено неприфатливо и прифатливо, на штетно и корисно. Моменталните поделби и нетрпеливоста во општеството, националната, идеолошката, религиската, класната, имаат длабоки политички корени и со системско институционално потхранување со време уште посилно се втемелија, тоа е факт кој опасно е да се занемарува, но и да се преценува. Меѓутоа, за непотребните и непримерните обични луѓе и нетрпеливоста на добронамерните влијателни поединци и групи, на малите и големите, ако на себе и своите деца им сакаат макар малку добро, едноставно повеќе нема место.

Злото на оваа земја, тој неприфатлив штетен табор е силен, броен и организиран. Опстанокот за 25 години на власт на истите ликови и интересни групи во различни дресови ја докажува таа сила и организираност, но денес и на последниот наивец открива дека се работи за секогаш иста претстава со исти глумци. Мачна претстава со прескапи карти. Таа политикантска заедница има своја позиција и опозиција, со привезоци, кои поларизираниот и свесно политички неописменет народ вешто го лажат во секоја прилика за било каква промена. Дводецениската стратегија на напади на позицијата и опозицијата (да се присетиме само, најжестоките непријатели главно завршуваат во коалиција), со сателити од разни сфери на општеството, на народот длабоко во свеста му ја врежаа реченицата: - Сите се исти! Која резултира со политичка апстиненција и масовна апатија.

Тој се уште постоечки друг табот, добронамерниот, прифатливиот, општествено корисниот, сигурно има и памет и број, но расцепканоста за состојбата во која се наоѓаме, неоправданата поделеност му ја зима секоја сила. Да се дочекаат златни спортисти на БиХ, или на соседните земји, да се привикува Суторина, да се лутиме поради забраната за извоз на млеко, да се истакнува знамето, да се брани своето, да се пцуе политиката, сето тоа на своевиден начин покажува патриотизам, но не го решава проблемот. Па и јавните прозивки, анализи за неработењето на власта, јавното сервисирање на добри решенија, протестите, прават по некој чекор напред, но се покажа дека не се соодветен одговор за спас на оваа земја. Власта е таа која раководи со сите процеси, воланот е во нејзини раце, само таа има мандат и ресурси да ја поведе државата напред. Но, оваа не е и очигледно нема да биде, бидејќи на ловците во матно редот никако не им одговара.

И што сега, што понатаму? Има ли волја, сили, знаење, вештини, енергија, луѓе, ресурси, заинтересираност, макар надеж, барем еднаш, сериозно и одлучно, доброто во оваа земја да се спротивстави на злото и да му покаже дека може да го замени? Има ли таборот на добронамерните некаква идеја политички да се организира, да покаже мудрост и единство околу заедничките интереси, да стави на маса решенија кои ќе одговараат на мнозинството и нема никого да загрозат.. и да понудат вистинска можност на избор? За зло или за добро.

Подобро утре, само неповикано нема да дојде, околу тоа веројатно сите се согласуваме. Паметна борба или куферите, избор барем теоретски, се уште има. Или нема? Од лични, себични причини, толку многу би сакал да дознаам! Ако цела оваа приказна е утопија и алтернативи за злото и состојбата која за многу луѓе е веќе неподнослива не може да има, дали е право да се каже на луѓето, пред се на младите од кои главно многу се очекува, а малку се дава, дека не е предавство да се напушти земјата. Бидејќи од подобра БиХ сме се откажале. Или, сепак не? Мнозинството само знае.