Македонија
18. February 2021 - 11:12

Се нормализира водостојот на Охридското Езеро

Снегот што се топи на планините ги интензивира водотеците на реките од сливот на Охридското Езеро, така што ситуацијата на водостојот на езерото веќе е во границите на нормалата.

Само за една седмица нивото на езерото порасна за седум сантиметри, така што денеска е на котата 693,42 метри надморска височина, што е сантиметар над просекот за февруари или 32 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10).

Тоа е значајно подобрување на хидролошката ситуација, особено доколку се има предвид дека сушниот период есента резултираше нивото на Охридското Езеро да се спушти на 693,09 м.н.в. или сантиметар под дозволениот минимум.

И температурата на водата е во рамки на просекот на февруари, односно денеска таа изнесува шест степени Целзиусови.