Македонија
17. October 2020 - 20:06

Се градат патишта околу Штип, изборите за градоначалник на прагот

Изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш во должина од 40 километри и вредност од 42 милиони евра се реализира во две фази. Финишира изградбата на првата делница од Штип до Бучим. Поголемиот дел е асфалтиран, осветлувањето е поставено и во моментов се монтираат еластичните огради.

-Имаме веќе 83% прогрес или реализација на овој проект, а секако и втората фаза Штип клучка 4 км до Три Чешми имаме добар прогрес и започнуваме со земјени работи, а во следниот период доколку тоа го дозволат временските услови ќе имаме уште посилна динамика- изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Најтешкиот дел од работата е завршен, вели првиот човек на државни патишта и доколку се продолжи со истото темпо, патот ќе биде пуштен во употреба и пред предвидениот рок. 

-Веќе за 3-4 месеци очекувам да биде комплетно завршен и пуштен во употреба. 25 км по сите стандарди, со најдобар квалитет, со 11,4 метри ширина, две коловозни и две помошни ленти- изјави Зоран Китанов, директор на ЈП Државни патишта.

Бочварски додаде дека освен на оваа делница, во моментот се работи на патна инфраструктура во должина од 400 км.

-Во државата се инвестираат 840 милиони евра во изградба и рехабилитација на патишта. Само во овој регион околу Штип и Радовиш се инвестираат околу 84 милиони евра - изјави Бoчварски. 

Со изградбата на втората фаза експресниот пат ќе се спои со автопатот Штип – Скопје, со што ќе се комплетира патната мрежа на источниот и југоисточниот регион.