Македонија
8. January 2016 - 15:14

Се е подготвено за 18-тото издание на карневалот под маски во Куратица

Жителите на охридското село Куратица и оваа година по 18-ти пат празникот на селото Свети Василиј Велики ќе го одбележат со голем карневал под маски. Според организаторот на манифестацијата, курајчани подготвени за сите оние кои ќе решат да бидат нивни гости на оваа веќе традиционална веселба.

Според годинешната карневалска програма, манифестацијата почнува на 13. јануари во 18 часот со поаѓање на василичарската поворка од пред васличарскиот оган до сите домаќинства во селото, што трае во текот на целата ноќ до раните утрински часови.

На 14 јануари во 14 часот почнува делење на традиционалната храна „варејнца“ и пијалок за постарите лица кои не се во можност да учествуваат на завршната церемонија. Самиот карневал под маски почнува во 18 часот, а дефилето на маските ќе биде проследено со пригодна музичка програма.

И оваа година карневалот под маски во Куратица е со натпреварувачки карактер, со избор на најубави маски во категориите возрасни и деца, за кои се обезбедени симболични награди. Карневалот ќе биде заокружен со голем огномет.

Карневалот во Куратица од година во година се збогатува со нови содржини и се вбројува меѓу позначајните во државата, покрај струмичкиот, вевчанскиот, прилепскиот.

Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.