Живот
23. јуни 2017 - 13:00

СДСМ: Заврши изолацијата на земјата, време е за соработка и добрососедство

Заврши времето на изолација и конфликти со демократскиот цивилизиран свет во коешто ВМРО-ДПМНЕ ја држеше Македонија заробена цели 11 години, наведува СДСМ во пишаното соопштение до медиумите.

- Дојде крајот на тајното преговарање и држењето на јавноста и граѓаните во информативен мрак во врска со односите што ги воспоставува нашата земја со соседните земји и меѓународната заедница. Новото време на слободата и демократијата е тука. Тоа е време на соработка, пријателство и добрососедство што ќе придонесе кон економски развој на земјата и перспективна иднина за граѓаните на Република Македонија, се вели во соопштението. 

Од СДСМ истакнуваат дека граѓаните се и ќе бидат транспаретно информирани за секој следен чекор во комуникацијата на Македонија со соседните земји и меѓународната заедница со цел да се интензивираат интеграциските процеси на земјата кон полноправно членство во ЕУ и НАТО.

- Македонија и нејзините граѓани се уверени во својот национален идентитет, без разлика дали тоа му се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ или не!, стои во соопштението од СДСМ.