Македонија
21. јуни 2017 - 15:06

СДСМ: Новата Влада ќе ги оствари сите дадени ветувања

Доколку навистина се грижеше за здравствениот систем, ВМРО-ДПМНЕ ќе работеше на подобрување на статусот на докторите и ќе ги заштитеше правата на пациентите, но наместо тоа, водејќи се исклучиво од коруптивни и бизнис интереси, изврши егзодус во здравствениот систем.

Ова го порачува СДСМ во пишана реакција на денешната прес-конференција на Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на која најави дека ќе поднесат закон со кој се предвидува нето платата на докторите специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати или 100.000 денари, а на општите доктори да изнесува две и пол просечни плати односно 56.000 денари.

- ВМРО-ДПМНЕ 11 години газеше врз достоинството и правата на докторите и здравствениот персонал. Поради тоа, годишно околу 200 доктори го напуштаа јавното здравство и заминуваа во странство или во приватниот сектор, со што здравствениот систем доживеа целосен крах. Затоа, денеска како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ нема право да провоцира со предлози кои веќе се дел од Програмата на новата Влада, се вели во реакцијата од СДСМ.

Новата Влада предводедна од СДСМ, се додава, ќе ги оствари сите дадени ветувања.

- Преку сериозен пристап, со вклученост на сите засегнати страни, до крајот на мандатот, ќе се оствари сето она што е зацртано во Програмата, вклучувајќи и повисоки плати на докторите и специјалистите, изградба на нови и реконструкција на постоечки болници и здравствени домови, како и воведување бесплатно болничко лекување, се потенцира во реакцијата на СДСМ.