Македонија
8. April 2017 - 19:19

СДСМ: Ќе воспоставиме систем за реално трошење на месечните квоти на лекови

СДСМ ветува активности за надминување на, како што тврди, состојбата со недостаток на лекови на рецепт по 15-ти во месецот,  како и дека ќе се залага за зголемена достапност на лекови. 

Злате Мехмедовиќ, член на Комисијата за здравство на СДСМ, денеска на прес-конфоренција рече дека нова реформска влада ќе работи на воспоставување систем што ќе овозможи реално да се трошат месечните квоти на лекови, а нивната крајна цел е да има достапни лекови во текот на целиот месец. Нагласи дека при изборот на лекови за позитивните листи ќе учествуваат и претставници од здруженија на граѓани и засегнати болни од шеќерна болест, бубрежни болни, висок притисок, карцином, здруженија на пациенти со ретки болести, на пациенти со посебни потреби. 

- Планираме и зголемување на буџетските средства за лекови. Така ќе овозможиме поголема достапност на поскапите лекови, што се од витално значење за пациентите, рече Мехмедовиќ, наведувајќи дека Македонија е на претпоследно место во Европа по лоши здравствени резултати, но оти тоа ќе се смени со реформските политики на новата влада.