Македонија
20. November 2021 - 16:37

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одат на внатрепартиски избори во декември, дали тоа ќе ја продолжи политичката криза?

Последниот месец од годината ќе биде резервиран за конгреси во двете политички партии. Откако премиерот Заев вчера најави дека во вторник и официјално става крај на својот мандат и во Владата и во СДСМ, партијата ќе влезе во процес на избор на ново раководство. Согласно партискиот статут, лидерот на СДСМ се избира на непосредни избори но останатите партиски тела ќе ги избира Конгрес кој веројатно ќе се одржи пред крајот на годинава. Имајќи предвид дека новиот лидер на СДСМ треба да ја води и новата Влада, извесно е дека политичката криза ќе се пролонгира и во текот на наредниот месец.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе закажа изборен Конгрес на 12 декември но таму нема никаква неизвесно и сигурно е дека Мицкоски ќе ја добие доверба за нов 4 годишен мандат.

Во СДСМ се уште се во фаза на формирање на ново мнозинство во Собранието а најкраток пат до него им е Алтернатива. Од партијата апелираат опозицијата да не ги блокира процесите.

Во ВМРО-ДПМНЕ се на став дека оставката на Заев нема да смени ништо и остануваат на своето барање за брзи предвремени избори.

Во Левица денеска немаа коментар за најавената оставка на Заев.

Премиерот треба да го извести Собранието дека си поднесува оставка по што паѓа целата Влада и почнува да тече редовната процедура за избор на нова. За старт на новите министерски мандати, на СДСМ ќе му треба поддршката од 61 пратеник.