Македонија
26. November 2020 - 17:18

СДСМ го одби повикот на Црвенковски партијата да се огради од ставовите на Заев

СДСМ го одби повикот на поранешниот партиски лидер и претседател на државата Бранко Црвенковски неговата матична партија да го свика Централниот одбор и да се огради од ставовите на актуелниот лидер Зоран Заев во врска со Бугарија. Во партиското соопштение испратено попладневно се вели дека партиjата целосно застанува зад ставовите искажани од Заев во интервјуто на БГНЕС.

„Обраќањето на поранешниот претседател, Бранко Црвенковски, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните. Дали е тоа принципиелен однос кон својата партија и кон членството на СДСМ, ќе ценат членовите на СДСМ и граѓаните. СДСМ нема да навлегува во личните мотиви на Црвенковски, искажани во клучни моменти кога на цела држава и е потребен разум за остварување на стратешките цели поставени од независноста, меѓу кои и членство во ЕУ2, се вели во соопштението на СДСМ од каде додаваат дека и понтаму ќе ги почитуваат сите одлуки кои партијата ги донела токму во времето на Црвенковски.

Од таму додаваат и дека партиски став на владата и на лидерот Заев е “дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи“.

„Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Но граѓаните и СДСМ, одамна и на време избраа европска иднина. Избраа да носат храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ. Денеска резултатите на политиките на СДСМ и на Владата предводена од СДСМ се видливи на дело, а не само на зборови. Искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ. Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори“, се вели во соопштението на СДСМ.

 

Катерина Нешкова