Свет
5. October 2016 - 17:23

Сателитските снимки на ОН потврдуваат дека бил нападнат хуманитарен конвој во Сирија

Сателитски снимки од нападот врз хуманитарен конвој на 19 септември во Сирија ја потврдуваат тезата за воздушен напад, изјави денеска во Женева претставникот на програмата на Обединети нации за сателитски снимки  Ларс Бромли.

- Утврдивме дека имало воздушен напад, истакна Бромли повикувајќи се на големината и типот на кратерите кои се гледаат на снимките.

Досега ОН беа многу внимателни во оценката за тоа како бил извршен нападот и кој е одговорен. Вашингтон тврди дека Русија е одговорна за нападот, но Москва демантираше каква било вмешаност.

Во нападот на 19 септември загинаа 18 луѓе, а над 30 камиони, кои ја транспортираа помошта од ОН и Сириската црвена полумесечина беа уништени.

Програмата за сателитски снимки на ОН ги објавуваат снимките направени од приватни сателити на барање на Светската организација или нејзини земји-членки. Најчесто снимките се објавуваат во случај на природни катастрофи.