Свет
18. September 2016 - 13:32

Сандеј Тајмс: Британија може да биде казнета за договори со трети земји пред Брегзит

Европската комисија може да ја казни Велика Британија за склучување трговски договори со земји кои не се членки на ЕУ, пред Брегзит, пишува „Сандеј Тајмс“.

Овој лондонски неделник тврди дека владата во Лондон би била казнета со „милиони фунти“  доколку направи договор за слободна трговија.

Предупредувањето за кое пишува весникот доаѓа откако неколкумина министри во владата на премиерот Тереза Меј се пофалија дека веќе имаат понуди од неколку земји во светот за билатерални трговски договори.

Министерот за трговија Лијам Фокс, кој е еден од предводниците на кампањата за Брегзит, изјави претходно дека Австралија и понудила на Британија да почнат преговори и дека владата на премиерот Малколм Тарбул е подготвен брзо да се дојде до договор. Владата во Канбера уште понудила своја експертиза околу преговорите, со објаснување дека Британија„одамна не дејствувала сама во ваков вид преговори“, мислејќи на тоа дека земјата 43 години е членка на ЕУ.

Австралиската влада е пред крајот на преговорите со ЕУ за договор за слободна трговија.

Според министерот Фокс, подготвеност за билатерални трговски договори изразиле и Мексико и Сингапур.

Според прописите на ЕУ, но и според меѓународните правила, ваков договор Велика Британија може да направи дури откако целосно ќе излезе од ЕУ, а тоа најверојатно ќе се случи во текот на 2019 година.
Преговорите за договор за слободна трговија, обично траат по околу две години, па ваков договор, со кого било надвор од ЕУ, владата во Лондон би можела да го ефектуира дури после 2021 година.