Македонија
18. July 2016 - 14:30

Самуел Жбогар нов амбасадор на ЕУ во Македонија

– Поранешниот министер за надворешни работи на Словенија и актуелен Специјален претставник на Европската унија на Косово, Самуел Жбогар е нов шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел.
 
Иако од Европската комисија и од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се уште не сакаат официјално да потврдат, бидејќи подготвуваат соопштение во кое ќе ги објават сите 15 нови ЕУ-амбасадори во земјите од Балканот и поширокиот регион, сепак, Словенецот веќе минатата недела поминал успешно на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент и доби дозвола од 1-ви септември да ја превземе функцијата од Аиво Орав во Скопје.
 
Ова за МИА го потврдија неколку од членовите на т.н. АФЕТ-група на Европарламентот, присутни на сослушувањето.
 
Исто така, дефинитивно е дека Жбогар нема да ја има двојната функција шеф на ЕУ-делегација и Специјален претставник на Унијата што досега ја имаше на Косово, туку дека само ќе биде амбасадор на Унијата во Република Македонија. За да биде Специјален претставник треба да се избере и во Европскиот совет, за што нема волја кај дел од земјите-членки на Европската унија, па останува само да го наследи Естонецот Орав.
 
Покрај доаѓањето на Жбогар за нов ЕУ-амбасадор во Македонија, од сослушувањето во ЕП е познато и дека актуелниот шеф на делегацијата на Унијата во Македонија, Аиво Орав, заминува за амбасадор на ЕУ во Подгорица, Црна Гора. А, интересно е дека на Косово, официјален Брисел именува бугарско-грчка двојка да ги предводи mисиите на Европската унија. Имено, досегашната шефица на ЕУ-делегацијата во Либија, Бугарката Наталија Апостолова, ќе го завземе местото на Жбогар како амбасадор на ЕУ во Приштина, додека поранешната амбасадорка на Грција во Македонија, Александра Пападополу е именувана за шеф на Мисијата за владеење на правото на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС).
 
Инаку, во неговата 22-годишна кариера како дипломат, Самуел Жбогар (54 години) е вклучен во сите поголеми политички проекти на словенечката надворешна политика. Во 1993 година, тој ја отвори словенечката амбасада во Пекинг (Кина) каде што работел до 1995 година. Во периодот меѓу 1997 и 2001 година, тој беше заменик-амбасадор на Словенија во Обединетите нации (ОН) во Њујорк и заменик на Постојаниот претставник на Словенија во Советот за безбедност на ОН кога Словенија беше привремена членка во 1998 и 1999 година. Во тоа време, претставник на Словенија беше Данило Тирк, кој подоцна стана словенечки претседател.
 
Меѓу 2001 и 2004 година, Жбогар беше државен секретар во Министерството за надворешни работи на Слoвенија, во кабинетите на Јанез Дрновшек и на Антон Роп. Во овој период, тој го поддржува зајакнувањето на хуманитарниот аспект на надворешната политика и ја предводеше проект-групата за подготовка на словенечката организација на Советот за безбедност и соработка на Европа. Во 2004 година, тој беше назначен за амбасадор на Словенија во Соединетите Американски Држави, а исто така бил дел и од групата за преговори за членство на Словенија во ЕУ и главен преговарач за членство на оваа поранешна југословенска република во НАТО.
 
По враќањето од Вашингтон, во октомври 2008 година Жбогар станува директор на Институтот за стратешки студии во Љубљана. Во ноември 2008 година, тој е именуван за министер за надворешни работи во централно-левичарската влада на Борут Пахор со кого е другар од школски денови. Во декември 2011 година, Кетрин Ештон, тогашна Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата го именува Жбогар за шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово, како специјален претставник на Унијата. Со ова, тој стана првиот словенечки високо рангиран функционер во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).