Македонија
8. December 2017 - 8:31

Самостојна изложба на Горан Јованов во Гевгелија

Самостојна изложба на графики на ликовниот уметник Горан Јованов вечер ќе биде отворена во галеријата „Амам“ во Гевгелија. Пред уметничките кругови, критичари и вљубеници во уметноста Јованов се претставува со 30-тина дела графики, изработени во класична и дигитална графика. 

- Процесот на творење во класичната или дигитална графика ни дава можност на надградување, дополнување и проширување на почетните ликовни предизвици, единствено различно е матријалното. Класичната графика се уште не ги истрошила своите ресурси, туку напротив поради иконографската посебност, провакативноста, веродостојноста на нејзиниот идентитет и статусот што го нуди овој медиум треба да егзистира во континуирана борба за нови простори, изјави Јованов. 

Графики на Горан Јованов

Според него, дигиталната графика во денешно време е се почесто користен медиум од страна на креативци, дизајнери и уметници. 

Ликовниот уметник и професор Тони Васиќ, кој го следи творештвото на Јованов од неговите почетоци како студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје до денес како активен и вреден чинител на ликовната сцена, смета дека тој оправдано го заслужува насловот мајстор на графиката – особено на длабокиот печат.

- На своето најново претставување Јованов не изненадува со нов графички израз, дигитални графики кои се јавуваат како еден вид на сублимација на претходните усвоени искуства во полето на класичната графика и искуствата кои ги носи од своето професионално занимавање во дизајнот и секојдневното користење на современите комуникациски алатки, изјави Васиќ.

Горан Јованов магистрирал на Факултетот за ликовни уметности, Скопје на отсекот графика под менторство на проф. Димитар Малиданов. Досега има реализирано повеќе самостојни изложби, учествувал на повеќе ликовни колонии и работилници и добитник е на повеќе награди во Македонија и во странство.