Само 1% од вработените во ЈКП-ЈА се лица помлади од 35 години, а 65% постари од 55 години
Само еден час без вода, граѓаните го доживуваат како цела вечност, а не функционирањето на водоснабдителната и канализациската мрежа подолг период е во ранг на природна катастрофа. Комуналните дејности ги задоволуват основните биолошки и физиолошки потреби на населението, но дури кога ќе настане хаос од типот на не собирање на отпадот во Скопје или загадената вода за пиење во Струмица, тогаш на површина излегуваат сите недостатоци. АДКОМ, во соработка со надлежните министерства и регулаторот, бара системско решение на проблемите со кои секојдневно се соочуваат јавните комунални претпријатија.
- Потребно е, пред се, да знаеме со кои средства располагаме и затоа се зафативме со една работа, најнапред евидентирање и определеување на сопственост на основните средства, затоа што ако не знаеме со што располагаме, ние понатаму не можеме да вршиме дигитализација и осовременување на целиот процес, изјави Ромео Ивановски, Претседател на Комисија за комунални дејности - АДКОМ.
Јавните комунални претпријатија се „под капата“ на локалните самоуправи, а средствата со кои располагаат им се дадени на управување, но без право на сопственост, што ги става во зависна положба. Затоа е потребно комплетно ревидирање на законската регулатива во областа на комуналните дејности, а и тесна соработка со ЗЕЛС.
- Да се координираме со централната власт, со Владата, со ресорните министерства, за да ги преземеме соодветните чекори, да ги задржиме вработените, да ги мотивираме младите да се вработуваат во ЈКП-ја, да извршуваат соодветни работни задачи со високо ниво на квалификуваност и од сите тие активности да дојдат резултати, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани и Претседател на комисјата за животна средина и комунални услуги - ЗЕЛС.
Истражувањата на АДКОМ покажале дека само 1% од вработените во ЈКП-ја се лица помлади од 35 години, а дури 65% се на над 55 годишна возраст. Проблемот е повеќе од сериозен и под итно мора да се работи на враќање на довербата на граѓаните во овие институции, кои во многу општини се на работ на егзистенција.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар