Македонија
20. October 2016 - 15:04

Самит на Македонија 2025: Да се искористат обновливите извори на енергија

Македонија има потенцијал за развој на нови технологии и искористување на обновливите извори на енергија, порачаа на денешниот Самит - Платформа за пренесување знаење од областа на бизнисот, лидерството и иновациите организиран од Македонија 2025. 

Карина Барнхолд Клепер, советник од Нордискиот совет на министри, истакна дека Македонија има големи можности за обновливи извори на енергија  како хидропотенцијалоt, сонцето и ветерот.

- Македонија има голем хидропотенцијал, од каде доаѓа најголемиoт дел од енергијата. Почнавте и со енергија од ветерот со инсталацијата во Богданци. Имате голем потенцијал за искористување на сонцето, шуми, а и доста депонии каде може да се извлечат биомаси кои подоцна ќе се префрлат во биогориво, рече Клепер и додаде дека предуслов за искористување на обновливите извори на енергија е да се има систем за нејзино пренесување, што може да се оствари преку заедничката мрежа во регионот.

Таа потенцира дека е важно секоја земја да се сконцентрира само на еден извор, како што е примерот во скандинавските земји, а потоа енергијата да се разменува.

Инвестицијата во обновливите извори на енергија, според неа, чини многу повеќе од инвестицијата во фосилните горива, но важно е дека со тоа прави заштита на здравјето на луѓето и развојот на општеството. 

-  Со размената на струјата се подобрува трговијата и има и позитивен економски ефект. Понатаму ќе има поголеми давачки за јаглерод диоксид и така ќе има и поголема економска логика и потребата на обновливи извори на енергија, рече Клепер.  

Гидеон Марк Амир, извршен директор на Birthright Izrael, истакна дека Израел има постигнато многу на полето на обновливите извори на енергија. - Се потпиравме на своите мозоци и затоа развивме зависност од вода и соларна енергија. Македонија и Израел можат многу да научат една од друга, рече Амир.

На Самитот го промовира моделот на ткн. туризам кон родната земја кој на Израел му има донесено над 1 милијарда долари. 

- Постоиме 16 години и почнавме со 2.000 Евреи кои го посетија Израел, а досега имаме половина милион учесници. Преку програмата создаваме млада заедница. Ова е најнапредна организација во ткн. туризам кон родната земја кој модел го следат и учат од нас Ирска, Куба, Грција и други, рече Амир. 

Пред присутните на Самитот на Македонија 2025 ќе биде презентирана и работата на Европската вселенска индустрија, кон која треба да се приклучи и Македонија. 

Самитот продолжува утре со тема за регионална и европска економска интеграција, иднината на паметната мобилност, претприемништвото во употреба на обновливи ресурси, улогата на жените како водачи кон одржлива иднина, како и промена во светот преку технолошки иновации.

Ова е петти Самит што го организира Македонија 2025.