Македонија
26. January 2020 - 16:42

Самир Љума и Фејми Даут од ,,Медена земја‘‘ ја добија престижната американска награда за најдобра кинематографија

Во пресрет на најважната манифестација од светот на филмот, уште едно големо признание за “Медена земја”. Снимателите на македонскиот филм кој е во конкуренција за две “Оскар” статуетки, се добитници на престижната награда за најдобра кинематографија за документарен филм, која ја доделува Асоцијацијата на кинематографери на Америка.

Самир Љума и Фејми Даут се први добитници на оваа награда која Асоцијацијата ја воведе годинава, а доделувањето беше одржано во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.

„ASC Award“ важи за најреномирана светска награда во светот на кинематографијата. Љума и Даут посочија дека исклучително го ценат ова признание.

Наградата на синоќешната свеченост во Холивуд им ја врачи Тод Филипс, режисерот на филнот „Џокер“, кој има најмногу номинации на претстојните Оскар награди.

„Медена земја“ досега има добиено повеќе од 15 признанија на престижни фестивали низ светот и стана прв македонски филм кој е кандидат за Оскар во две категории – најдобар документарен и најдобар интернационален филм.