Свет
25. August 2015 - 20:30

САД ќе примат меѓу 5.000 и 8.000 бегалци од Сирија во 2016 година

САД во 2016 година ќе примат меѓу 5.000 и 8.000 сириски бегалци, соопштија американските власти, по критиките дека прифатиле многу малку Сиријци во однос на над четири милиони, што бегаат од граѓанската војна во својата земја. 

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Џон Кирби изјави дека 15.000 сириски бегалци побарале од САД дозвола за постојан престој, преку комесаријатот на ОН за бегалци и дека годинава се примени меѓу 1.000 и 2.000 сириски бегалци, како и дека тој број ќе се зголеми за неколку илјади во следната 2016 година. 

Кирби тврди дека САД се лидер во однос на прифаќањето бегалци и финансиска помош за Сирија, пренесува Танјуг.

- Ние сме вистински посветени да помогнеме да се поттикне некој вид на политичка транзиција во Сирија, и така да се создаде сигурна средина за Сиријците да се вратат, вклучително сите што сега бараат засолниште во Турција, изјави Кирби. 

САД доделија четири милијарди долари во хуманитарни цели за сите погодени од насилствата во Сирија, почнувајќи од 2011 година и постои согласност САД да прифатат вкупно 70.000 бегалци од целиот свет, од кои 33.000 од Блискиот Исток и Јужна Азија, вклучително Сирија, пишува британски „Гардијан“. 

Американскиот државен секретар за население, бегалци и миграција Ен Ричард, одговарајќи на критика дека САД примиле мал број бегалци, одговори дека е потребно време од поднесувањето на барањето до одобрување на истото. 

- Тоа е природен тек на овој процес. Потребно е 18 до 24 месеци бегалците кои се обратиле, да го поминат процесот, до точка кога им е одобрено и може да добијат авионска карта и бидат донесени во САД, истакна Ричард.аа/ссм/15:28