Свет
2. јуни 2021 - 10:58

САД ќе го детализираат планот за глобална дистрибуција на 80 милиони дози вакцини

Во текот на следните две седмици, САД ќе донесат одлука за тоа како ќе ги распределат своите 80 милиони дози вакцини против Ковид-19 на други земји, соопшти американскиот државен секретар Ентони Блинкен на заедничката прес-конференција со претседателот на Костарика Карлос Алварадо. Блинкен потенцира дека вакцините нема да се дистрибуираат според политички преференции.

– Во одреден момент во следните две недели, ќе го објавиме процесот преку кој ќе ги дистрибуираме овие вакцини, кои ќе бидат критериумите и како ќе го направиме тоа, рече тој. Во исто време, шефот на американската дипломатија тврди дека Вашингтон ќе дистрибуира вакцини непристрасно и во согласност со научен пристап, без никаква политичка пристрасност.

– Ќе дистрибуираме вакцини без политички барања за оние кои ги примаат, потенцира Блинкен.

Во понеделникот, американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговата администрација ќе испрати најмалку 20 милиони дози од вакцините Фајзер/Бионтек, Модерна и Џонсон и Џонсон, како дополнение на 60 милиони дози Астра Зенека, кои биле од претходно предвидени за доделување на други земји.

Администрацијата на Бајден е под притисок да споделува вакцини за да помогне во спречување на натамошно влошување на епидемијата од Индија до Бразил, каде што здравствените експерти стравуваат дека нови, позаразни варијанти на коронавирус може да ја нарушат ефекасноста на достапните вакцини.