Свет
7. December 2016 - 10:52

САД ја одбележуваат 75-годишнината од нападот врз Перл Харбор

САД денеска ја одбележуваат 75-годишнината од нападот врз Перл Харбор, што доведе до вклучување на земјата во Втората светска војна, пренесе ДПА.

Стотици преживени од нападот, ветерани од Втората светска војна и членови на нивните семејства се наоѓаат во Хонолулу, за да учествуваат во серијата настани посветени на годишнината.

Во изненадувачкиот напад врз Перл Харбор од јапонските борбени авиони загинаа 2.403 Американци, кога речиси целосно беше уништена американската Тихоокеанска флота.

Во говор пред Конгресот, на еден ден по нападот, тогашниот американски претседател Френклин Рузвелт изјави дека овој датум ќе се помни како ден на вниманието, а САД од него се вклучија во војната што траеше уште 4,5 години.

Настаните во спомен на настанот предвидуваат комеморативна церемонија, што ќе почне во 8 часот наутро (19 часот по средноевропско време) - во истото време кога на 7 декември 1941 година јапонските ловци почнаа да ги бомбардираат американските борбени бродови во Перл Харбор и другите воени објекти на Хаваите.

На церемонијата се очекува да учествуваат околу 4.000 лица, меѓу кои и 300 ветерани. Уште илјадници лица настанот ќе го следат од меморијалниот комплекс во Ваикики и во директен пренос на Интернет.

Чествувањето на годишнината од нападот организаторите го планираат повеќе од една година, дозволувајќи дека тоа може да е последна можност на ветараните од Перл Харбор и од војната да им се оддаде почит од таква големина.

На почетокот на оваа недела јапонскиот премиер соопшти дека има намера во текот на овој месец да го посети Перл Харбор. Шинѕо Абе планира, да допатува во Перл Харбор на 27 декември, а ќе биде придружен од американскиот претседател Барак Обама.

Посетата на Абе е очекуван чекор по историската посета на Обама на јапонскиот град Хирошима, во мај годинава.