Свет
16. October 2017 - 8:41

САД ги повика Ирак и Курдите да не дозволат ескалација на тензиите во Киркук

Пентагон ги повика Ирак и ирачките Курди „да избегнуваат ескалирачки активности“ и да започнат дијалог за решавање на нивните несогласувања.

- Ние се спротивставуваме на насилството на секоја од земјите и ги повикуваме да не прибегнуваат кон дестабилизирачки активности кои ќе ги одвратат од акциите против Исламската држава и уште повеќе ќе ја поткопаат стабилноста во Ирак, изјави портпаролката на Пентагон Лора Сил.

Нејзината изјава е одговор на информациите на ирачката државна телевизија дека армијата на Ирак воспоставила контрола над делови на Киркук, без отпор на страна на курдските сили „пешмерга“. 

- Ние продолжуваме да го поддржуваме единствен Ирак. Дијалогот останува најдобрата опција за сузбивање на тензиите и за решавање на несогласувањата согласно ирачкиот Устав, рече Сил. 

Портпаролката на Пентагон ги повика сите играчи во регионот да се фокусираат на заедничката закана - Исламската држава.