Свет
23. July 2015 - 14:57

САД ги блокираат испораките на оружје за Курдите

САД ги блокирале обидите на арапските сојузници да им се испорача американско тешко оружје на курдските борци, кои учествуваат во борбите против џихадистите од групата Исламска држава, откриваат лондонските весници.

Неколку блискоисточни земји, сите блиски американски сојузници, порачуваат дека тие се подготвени самите да обезбедат оружје за Курдите од други извори, откако не успеале да го уверат претседателот на САД, Барак Обама за потребата на курдските борци да им се достави оружје во поголеми количини.

Според лондонските весници, земјите-сојузнички на САД ги обвинуваат претседателот Обама и другите западни политички лидери, вклучувајќи го и бротнскиот премиер Дејвид Камерон, за неуспехот да покажат „вистинско стратешко лидерство“ околу кризата во регионот предизвикана од Исламска држава.

Високи функционери на земјите од Персискиот Залив изјавиле за весниците дека не успеале нивните напори да го уверат Западот од потребата за вооружување на Курдите, како дел од поенергичните планови за конечна пресметка со џихадистите од ИД.

Безбедносни експерти во Лондон оценуваат дека официјален Вашингтон не сака да им наштети на своите односи со Владата во Багдад, со директната испорака на оружје за Курдите и со вооружувањето на нивните борци.

Стравување од натамошното вооружување и засилување на курдските борци покажува и Турција, иако Анкара тоа го објаснува со внатрешните состојби во земјата.

Висок владин функционер на една од арапските земји, чиј иденитет не се открива, изјавил дека САД и Западот не се подготвени да направат нешто посериозно за да се порази ИД.

- Доколку тие не го сакаат тоа, ние ќе мораме да најдеме нови патишта за да се справиме со заканата, рекол овој функционер. Тој им порачал на САД и на Западот, дека арапските земји „не може да чекаат Вашингтон да се разбуди“ и да ја види огромната закана со која се соочуваат земјите од Блискиот Исток.

Пред крајот на минатиот месец, курдските борци повторно го зазедоа пограничниот сириски град Кобане, во кој доминанто население се Курдите, откако еден дел од градот беше под контрола на џихадистите од ИД.