Свет
20. July 2020 - 17:01

Русија се надева дека до крајот на годинава ќе произведе 200 милиони дози вакцини против коронавирусот

Русија се надева дека со своите партнери, доколку клиничките испитувања се покажат успешни, до крајот на годинава ќе произведат околу 200 милиони дози на новата вакцина против коронавирусот.

Првата фаза од испитувањето веќе е завршена, а втората треба да заврши околу 3 август, соопшти Кирил Дмитријев, шеф на рускиот фонд што го финансира пронаоѓањето на руската вакцина.

Според него, третата и последна фаза од испитувањата треба да се одвива на руска територија, но и во неколку други земји, особено во Обединетите Арапски Емирати, Турција и Африка.

– После тоа, би почнале со масовно производство, рече Дмитријев.

Вакцината се очекува да добие зелено светло во септември.

Кога вакцината ќе добие сертификат, до крајот на годината во Русија и во партнерските земји ќе се произведат вкупно 200 милиони дози на вакцината, од кои 30 милиони дози во Русија, рече Дмитријев.