Свет
10. јуни 2017 - 20:26

Русија повика на дијалог за катарската криза

Русија денеска повика на дијалог меѓу Катар и неговите соседи во Заливот, ветувајќи помош во посредување за решавање на кризата.

- Ги следиме со загриженост информациите за таа ескалација, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата во Москва со својот катарски колега Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани

Лавров истакна дека „Русија не е задоволна со ситуацијата во која односите меѓу нашите партнери се влошуваат и ние сме за изнаоѓање решение за проблемот по пат на дијалог“.

Катар бара помош однадвор за решавање на спорот со своите соседи, кои го обвинуваат за финансирање на терористички групи и не се задоволни од неговите врски со движењето „Муслиманско братство“ и спонзорирање на телевизијата „Ал Џазира“.

Шефот на руската дипломатија нагласи дека Москва е „подготвена да направи се што е во нејзина моќ“ за да се реши кризата, нагласувајќи дека е неопходно единство во борбата против тероризмот.

Катар ги осуди тврдењата изнесени против него, а Ал-Тани за време на средбата ги нарече обвинувањата „нелегални“.