Бизнис
14. December 2019 - 16:36

Руралната жена живее без здравствено и социјално осигурување во целосна зависност

Дали жената е дискриминирана во однос на мажите? На ова прашање со НЕ одговориле 37,7%, додека со ДА одговориле 30,16 % испитаници во истражувањето кое беше направено во руралните средини во пелагониските општини како дел од проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација“.

-Од оние што одговориле со „не“, сите припадници на машкиот пол рекле дека жената не е дискриминирана од мажот. Имаше и жени кои не сакале да одговорат потврдно на ова прашање иако анкетата била анонимна, но на крајот во разговор признаа дека има дискриминација на повеќе полиња, дека немаат имот на сопствено име, зависни се од превоз, немаат возачка дозвола, па се зависни од превоз, дека се финансиски зависни од мажите, дека немаат голема поддршка за студирање, изјави Билјана Ристевска, ангажирана во делот „Истражување и анализа“.

На прашањето дали жените во руралните средини имаат здравствено и пензиско осигурување, над 50 % одговориле дека имаат.

-Но, иако одговорот е потврден сите кажаа дека здравственото осигурување им е на сопругот, не им е лично осигурување. Тука се наметнува прашањето колку жените во руралните средини во поодминати години би била финансиски стабилна и независни од домаќинството, без разлика на брачниот статус, вели Ристевска.

На прашањето пак дали трудот на жената е доволно признат и доволно платен, негативен одговор дадоа над 41 %.

Целта на проектот на здружението „Зелена Берза“е да се придонесе да се надминат стереотипите што се однесуваат на дискриминација на жените во руралните средини и да се издигнат на ниво на еден успешен претприемач . Врз основа на податоците, во иднина ќе преземат чекори за да се намали оваа дискриминација во руралните средини.