-->
-->
Рударството очекува успешна година
-->
Рударскиот сектор успешно ја заврши 2016 година и покрај сите предизвици, а слични се предвидувањата и за претстојната, 2017-та. Ќе работат сите производни капацитети, Злетово, Саса, Тораница и Бучим.
Како што оцени денеска Македонската асоцијација на рударството (МАР), ФЕНИ полека може да се избрише од рудните потенцијали, а Иловица годинава нема да профункционира. Цените на металите, пак, на светските берзи, и во следните 12 месеци не се очекува да имаат поголем пораст, ниту значајно да се намалат.
МАР останува на барањата: да се изготви стратегија за рударството до 2025 година и да се воведе ред во давањето концесии за каменоломите.
- Изминатава 2016 година беше прилично тешка, со многу ниски цени на металите, најниски во последната деценија, Злетово и Тораница не работеа. Но, и во вака тешки услови, рударскиот сектор ја заврши успешно. Очекуваме и 2017-та да биде исто така успешна, уште повеќе ако имаме доволно разбирање и соработка со надлежните институции, особено со министерствата за економија и за животна средина, истакна претседателот на Асоцијацијата Николајчо Николов на прес-конференција во Стопанската комора.
Според него, за Иловица треба да се постигне национален консензус зашто се работи за многу голем, сериозен капацитет, лоциран над Струмичкото поле, а Фени е рудник со енормно ниска содржина на никел која во денешни услови е неисплатлива. - Ова дополнително ги потврдува нашите заложби за неопходноста од изготвување стратегија по која треба да се владеат и домашните и странските инвеститори, потенцира Николов.
Македонија во однос на рударството, додаде, мора да дефинира што е исплатливо, што може да се копа, а што треба да остави за идните генерации. - Мора да водиме многу поодговорна политика. На пример, јаглен и лигнит има резерви до 2030 - 2035 година и затоа треба да се размислува колку од количините е добро да се експлоатираат, колку да се остават за следните генерации, односно колку да се користат алтернативните извори на енергија, посочи Николов.
Мора да престане, рече, и стихијното отворање каменоломи зашто тоа негативно влијае не само врз економијата, туку и врз екологијата. - И покрај честите укажувања на МАР, се отвораат каменоломи блиску еден до друг поради што се добива впечаток дека движиме хаотично, без конкретни планови и потреби, подвлече претседателот на Асоцијацијата.
МАР предупредува и на дивото ископување на песокот по реките и локациите каде што се градат станови и други видови објекти.
Индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во периодот јануари - ноември 2016 бележи пад од 16,8 отсто во однос на истиот период во 2015-та, а кај неметалите зголемување од 18,2 процента. Зголемување на производството генерално, во двата сегмента, се очекува пред се поради рестартирањето на старите и отворањето нови рудници, како и поради задржувањето на цените на металите на светската берза.
Во рударството кај нас се вработени околу 13.000 лица, а просечната нето плата (во Бучим) е 450 евра.
-->
-->
-->
Ново на Сител
-
Семејна драма во Штип: Мајка ја нападнала ќерка си
-
Поради снег забрани за тешки товарни возила на патот Кичево - Охрид и кај Плетвар
-
Малолетник од Скопје со нож се заканувал на соученици
-
Прегазен пешак во Битола, итно пренесен на Клиника
-
Одредена мерка притвор за тројцата учесници во инцидентите во Скопје
-
До април 2025 година ќе почнат градежните работи за третата фаза за Старата скопска чаршија, најави Меџити
-
Меџити за инцидентите на Денот на албанското знаме: Ќе одговараат сите кои го прекршиле законот
-
Македонец за 3,000 евра месечно отишол да се бори за руската војска во Украина