Македонија
9. јуни 2018 - 11:38

РСБСП и угостителите со кампања за поголемо користење велосипеди

Под слоганот „Јуни е за јунаци со точаци“, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со 13 локали од Скопје ќе реализираат низа активности со кои заеднички ќе се заземат да ги спојат возењето велосипед и непосредниот допир со природата со урбаниот лик и секојдневието на градот.

Целта е поактивна и почеста употреба на велосипедот како превозно средство, како и поголема едукација на младите, со што директно ќе се влијае на подигнување на свесноста за здрави животни навики и позитивни сообраќајни ставови. 

Активноста ќе се реализира  од 11 јуни до 30 јуни оваа година. Во овој временски период, велосипедот ќе им донесе 10 проценти попуст на целата сметка на сите оние кои со него ќе дојдат во: Барбакан, Кино Карпош, Винил, Тхирио, Coffee Factory, Брик, Твинс, Casa Bar, Паладиум, Центар Бар, Soul Kitchen, Boulevard и BellaVista

Од РСБСП наведуваат дека велосипедизмот е најефикасна форма на транспорт, а урбаното возење точак е вистински тренд во светот.

- Ние сме активен поддржувач на алтернативните форми на мобилност и во таа насока ги поттикнуваме сите учесници во сообраќајот да го остават својот автомобил и да отидат на кафе со велосипед, велат од РСБСП. 

Во рамки на активноста, РСБСП ќе ги едуцира учесниците во сообраќајот за правата и за одговорностите на велосипедистите, истовремено ќе поттикнува почесто и поактивно возење велосипед.

РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот да живеат здраво, да ја чуваат животната средина и своето здравје, да возат велосипед и да придонесат за намалување на сообраќајниот метежи.