Спорт плус
26. October 2015 - 12:46

Роси: Не возам во Валенсија?!

Деветкратниот светски шампион Валентино Роси признал дека не е сигурен дали ќе вози на последната трка во сезоната во кралската класа, Големата награда на Валенсија. Возачот на Јамаха, поради инцидентот со Марк Маркез во неделата во Малезија, кога буквално го исфрли младиот Шпанец од патеката, експресно беше казнет и тој последната трка ќе ја започне од последниот стартен ред.
 
Роси, во Малезија, на целта стигна трет, зад Педроса и Лоренцо, а неговата предност на врвот во генерaлниот пласман изнесува седум бодови во однос на Лоренцо. Сепак казната која ја доби ги прави минорни неговите шанси да стигне до јубилејната десетта титула.
 
’Докторот’ е лут поради изречената казна, па не ја исклучува можноста да ја бојкотира трката во Валенсија.
 
„Можеби нема да стартувам во Валенсија, ќе мора да решам што да правам. Казната не е фер, бидејќи јас не го натерав Маркез да падне. Повторувам, жалам што падна, јас само сакав да го изнервирам. Секогаш сум бил фер возач, првиот бод од лиценцата ми беше одземен бидејќи направив мала грешка во квалификациите, иако поради тоа Лоренцо немаше никакви последици (тој остана на пол позицијата иако Роси го забави неговото движење)“, рекол Роси.
 
Роси уште еднаш ја прокоментира својата изјава од во четвртокот, кога рече дека Маркез сака Лоренцо да ја освои титулата. Италијанецот тврди дека добил потврда и од менаџерот на Репсол Хонда, Емилио Алсамора.
 
„Реков во четвртокот, ова е последица на она што се случуваше во Аргентина и во Асен. Добив потврда од Алзамора, тој ми кажа дека Марк смета дека поради мене ја загубил титулата. Без сомнение тој е лош губитник“, нагласил Роси.
 
Последната трка во кралската класа во Мото ГП шампионатот ќе се вози на 8.ноември во Валенсија.