Македонија
15. јуни 2016 - 13:14

Романот „Неверство“ на Дејан Трајкоски ќе биде објавен во САД

 Американската издавачка куќа „Далки аркајв прес“ ќе го објави на англиски јазик романот „Неверство“ на писателот Дејан Трајкоски. Се работи за една од најреномираните издавачки куќи во САД кои објавуваат литературни преводи и имаат професионална дистрибуција на американскиот пазар. 

Ова е втор македонски роман кој ќе биде објавен во оваа престижна издавачка куќа и еден од само неколкуте во историјата на Македонија што ќе биде присутен на пазарот во САД. 

„Далки аркајв прес“ е познат и по годишната антологија на нова европска проза со која промовира триесетина автори од Европа пред читателите во САД.

- Комуникацијата со легендарниот основач на „Далки архив прес“ Џон О'Брајан почна минатата година на литературниот фестивал „Виленица“ во Словенија. Во април оваа година тој доби многу позитивна препорака од експерт кој го евалуирал романот по нивно барање, по што куќата решава да го преведе и објави романот во САД. Во меѓувреме Џон О'Брајан ја прифати поканата и гостуваше на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје, каде беше финализиран, а потоа и потпишан и договорот за откуп на авторските права за превод и објавување на англиски јазик, изјави Трајкоски.

Тој се надева дека неодамнешното присуство на О'Брајан во Скопје ќе придонесе за превод и на други автори од Македонија во познатата издавачка куќа, каде од овие простори се објавени дела од Данило Киш, Давид Албахари, Светислав Басара, Георги Господинов. 

Романот „Неверство“ во 2015 година беше финалист за годишната награда за прозна книга на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“, беше во потесен круг за наградата на „Утрински весник“, а ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“.

Дејан Трајкоски е идеен автор и директор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Автор е и на романот „Вистина. Љубов. Рашомонијада“.