Свет
15. February 2017 - 12:33

Рохани сака добри односи со земјите од Персискиот залив

Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека неговата земја сака добри односи со своите арапски соседи од регионот на Заливот.

Рохани ова го изјави на почетокот од својата еднодневна посета на Оман и Кувајт, што ќе биде неговата прва откако дојде на власт во 2013 година, пренесоа британските медиуми.

-Во основата на политиката на Исламска Република Иран секогаш лежеле добрососедските односи и безбедноста во Персискиот Залив, посочи Рохани, а пренесе иранската агенција ИРНА.

Тој, исто така, порача дека треба да има поголемо единство меѓу шиитите и сунитите, изјавувајќи дека тие „со стотици години живееле во мир“.

Односите меѓу Иран, доминантно населен со шиити, и доминантно сунитските арапски земји, особено со Саудиска Арабија, остануваат затегнати заради нивната поддршка на непријателските кампови во конфликтите во Сирија и Јемен.

Саудиска Арабија и Бахреин во јануари 2016 година ги прекинаа дипломатските односи со Иран откако демонстранти ја запалија саудиската амбасада во Техеран. Во знак на демонстративна солидарност со Ријад, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати ги отповикаа своите амбасадори од Техеран, а единствено Оман изрази жалење за нападот, со што ги постави темелите врз своите подобри односи со Иран.

Кувајтскиот министер за надворешни работи на крајот на јануари изведе невообичаена посета на Техеран и повика на искрен дијалог меѓу Иран и неговите соседи во регионот.