Македонија
25. May 2021 - 19:44

Родителите собраа потписи за референдум

За само три часа родителите ги собраа потребните 100 иницијални потписи за покренување референдум на државно ниво за образовните реформи на министерката Царовска. 

Се собираа во подрачните единици на Државната изборна комисија во Битола и во скопски Центар. 

Родителите сметаат дека Царовска нема да ги земе предвид нивните барања и забелешки, затоа и се одлучија на ваков чекор, преку рефенрендум да го искажат своето незадоволство за образовните реформи.

-Референдумот е законско право на секој граѓанин. Апсурдно е што таа воопшто не не слуша нас. Апсурдно е да не ги праша родителите дали се за овој Закон или против овој Закон, вели Драгана Спасевска од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“.

МОН, пак, смета дека е апсурно да се блокира осовременување на образованието преку дигитализација на учебниците. 

Откако беше објавен конкурс за изработка на учебници за четврто одделение за само еден месец, Царовска вели дека е доволно време за да се постигнат бараните стандарди.

-Во периодот додека аплицираат тие ја поставуваат првата тема. Во најголем дел од учебниците има четири до пет теми. Што укажува на тоа дека може да се постигне квалитет. Но, и ресурсите се зголемуваат. Се создаваат тимови на оние коишто треба да дигитализираат, на оние кои треба да илустрираат и на оние коишто треба да го постават текстот за да можеме во пократок временски период да го постигнеме квалитетот којшто веруваме дека е потребен во нашата држава, вели Царовска.

Опозицијата, пак, обвинува дека реформите прават грубо уназадување на образовниот процес и само го зголемуваат револтот кај родителите. Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од Царовска.

-Ваквите квази реформи се однапред осудени на пропаст. Наметнати и вештачки создадени реформи никогаш нема да дадат позитивен резултат. Министерке Царовска, падот на оваа влада треба почне од вас, вели портпаролката Марија Митева.

Утре родителите повторно ќе излезат на протести. Според информациите од Иницијативата, за утре закажани се протести во 18 часот во сите градови пред општинските згради, а во Скопје протестниот марш ќе почне пред МОН и ќе заврши пред Собранието.